Site Overlay

ПРЕДЛОЗИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ТЕКОВНАТА ПРАКСА ВО ДЕЛОТ НА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА, СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Здружението на социјални работници на град Скопје, со финансиска поддршка од CIVICA MOBILITAS, во периодот од 10 -12 септември 2018 година, реализираше тридневен Форум, на кој се разгледуваа предизвиците и дилемите поврзани со реализацијата на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.
Координатор на активноста беше Славица Шекуткоска, социјален работник специјалист во здравство, а воведни излагања имаа претседателката на Здружението М-р Јагода Насковска и професионалци со долгогодишно искуство во проблематиката семејно насилство:
– Лидија Штерјов, советник од Министерството за труд и социјална политика, која збруваше за актуелните законски одредби, правилници и конвенции, со кои формално е регулирана заштитата на жртвите на семејно насилство,
– Душанка Петрова, социјален работник од Заводот за социјални дејности-Скопје, која зборуваше за проблемите во мултисекторската соработка, врз основа на сознанијата од сите ЦСР во РМ, преку реализираните надзори, работни и координативни средби и
– Вера Николиќ, социјален работник од ЈУ Меѓуопштински Центар за социјална работа на град Скопје, која ги презентираше искуствата на ЈУ МЦСР Скопје во третманот и работата со жртвите и сторителите на семејно насилство.
За време на тридневниот Форум, во дискусиите учествуваа претставници од различни центри за социјална работа, како и членовите од мултисекторските тимови на локално ниво (претставници од институциите во рамките на Министерството за внатрешни работи, Министерство за здравство, Министерство за правда, Основно јавно Обвинителство, како и од граѓанскиот сектор).
Во фокусот на дискусиите беа проблемите поврзани со реализацијата на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, кои ја отежнуваат практичната работа во третманот и заштитата на жртвите на семејно насилство, како и бројните дилеми на професионалците од ЦСР и другите институции поврзани со предмети од тековната пракса.

Врз основа на тридневните дискусии, како заклучок беа договорени следните

ПРЕДЛОЗИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ТЕКОВНАТА ПРАКСА ВО ДЕЛОТ НА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА, СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО:
1) Доработка на Правилникот за начинот на извршување на привремената мерка за заштита од семејно насилство-задолжително лекување на сторителот,доколку злоупотребува алкохол, дрога и други психотропни супстанции или има психичко заболување (Сл. Весник на РМ бр. 94 / 2015) во делот на прецизирање на институцијата, која ќе биде надлежна да го преземе сторителот од домот и да го однесе на лекување во надлежната здравствена установа.
2) Преземање на мерки за поттикнување на граѓанските организации и приватни даватели на социјални услуги да развиваат сервиси на локално ниво за третман на жртвите и сторителите на семејно насилство (советувалишта за психосоцијален третман на сторители на семејно насилство, советувалишта за родители и деца-жртви на семејно насилство, Кризни центри за ургентно згрижување на жртви на семејно насилство, центри за лица жртви на семејно насилстви и СОС Линија за жртви на семејно насилство).
3) Реализација на обуки (почетни и континуирани обуки) за професионалците во институциите, кои директно работат со жртви и сторители на семејно насилство (како во ЦСР, така и во другите ресорно-надлежни установи).
4) Поголема иницијативност на ЦСР во делот на координација, соработка и информираност помеѓу членовите на мултисекторските тимови за семејно насилство на локално ниво.
5) Преземање на активности за превенција на семејното насилство, како на пример: вработување на социјални работници во Патронажните служби, во Развојните советувалишта, како и во основните училишта, каде што од социјалните работници ќе бидат рано препознаени индикаторите за постоење на семејно насилство во семејствата, по што и ќе бидат навремено информирани надлежните ЦСР и други институции.
6) Запознавање на членовите на Националното Координативно Тело против семејно насилство со предизвиците, проблемите и дилемите од тековната пракса во работата со жртви на семејно насилство, како и споделување на предлозите и заклучоците (од тридневниот Форум) за справување со нив; Исто така, секој член од ресорно надлежните институции во НКТ да ги информира и координира институциите во својот ресор подолу, за сите прашања поврзани со подобрување на тековната пракса во работата и заштитата на жртвите на семејно насилство.