СОС Линијата за помош од дрога постои од 14 јули 2003 година како проект на Здружението на социјални работници на Град Скопје, НВО „Инфо Дрога/Сида„ и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) кој успешно се реализира и претставува прва линија од таков вид во регионот која даде успешна соработка меѓу владиниот и невладиниот сектор. Работењето на оваа СОС линија за помош од дроги (02 3212690) континирано во изминатите години е поддржана од страна на Град Скопје.СОС линијата за помош од дрога е придружен член на ФЕСАТ, Европска Фондација за телефонски линии за помош од дрога.
Освен во делот на работата на линијата, членовите на Здружението вршат и едукативни активности за студенти од Институтот за социјална работа и социјална политика, во делот за обучување на студентите за волонтирање на СОС линијата за помош на дроги. Спроведуваме едукативни активности за превенција од болести на зависности на деца и млади кои се во социјален ризик.
Примарна задача на СОС-линијата за помош од дрога е унапредување на превентивата од употреба на дрога и на заразувањето со ХИВ/СИДА и со други инфекции преносливи по сексуален пат. На овој начин преку бесплатниот телефон граѓаните на Република Македонија добиваат информации за видовите дрога, нивните дејства и штетни последици од нивната употреба, институции за лекување во нашата земја и во странство, информации на ХИВ/СИДА како и за сексуално преносливите болести (СПБ). Поради секојдневниот интерес на јавувачите да остварат директен контакт и да поразговараат за својот проблем, во склоп на линијата функционира бесплатно советувалиште за граѓаните на Република Македонија, кое го води стручно лице, социјален работник специјалист по социјална работа во здравство. СОС линијата за помош од дрога работи секој работен ден од 09:00 до 16:00 часот. Покрај добивање на информации по пат на јавување на бесплатниот број 02/3212-690, граѓаните можат да ги постават своите прашања и на нашата mail адреса zsr.skopje@gmail.com, на facebook ИНФО ДРОГА.
Основни принципи на кои се базира работата на СОС линијата се:
- Почитување на личноста на секој јавувач,
- Доверливост на јавувачот,
- Анонимност на лицето кое што се јавува,
- Не осудување на лицата кои се јавуваат,
- Лесна достапност што го овозможува бесплатниот повик.
Основни цели и задачи на СОС линијата за помош од дрога се:
- Информирање на граѓаните за видовите дроги, нивни дејства и штетни последици од нивна употреба, ХИВ/СИДА и сексуално преносливите болести,
- Подигање на општествената свест за прифаќање на лицата со здравствени, социјални и други проблеми, предизвикани од ХИВ/СИДА или со употреба на дрога,
- Давање информации за начините за намалување на штетата предизвикана од употреба на дрога,
- Упатување на граѓани што бараат здравствена, социјална и друга помош во соодветни институции за социјална и здравствена заштита,
- Соработка со државни институции, приватни ординации, невладини организации и со средствата за јавно информирање.
Работата на операторите на СОС линијата за помош од дрога е регулирана на начин што обезбедува висока доверливост, достапност, стручност, одговорност и етичност.
Расположливиот компјутерски програм обезбедува висок стандард на точност, повторливост и разбирливост на информациите дадени на лица што се јавуваат на СОС-линијата согласно со Повелбата на ФЕСАТ.