Конференција

screenshot_238

На 21.03.2017 година, по повод Светскиот Ден на социјалните работници, на Факултетот за политички науки во Сараево се одржа стручна конференција на тема: „Предизвици во областа на социјалната работа во Босна и Херцеговина“.

Конференцијата беше организирана од страна на Сојузот на социјалните работници на Федерацијата Босна и Херцеговина и Сојузот на здруженија на стручни работници во социјалните дејности на Република Српска, а финансиски беше поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина. Истата доби голем медиумски публицитет и се одржа во присуство на голем број претставници од извршната и законодавната власт во БиХ, а меѓу учесниците беа и членови на регионалните здруженија на социјалните работници од Хрватска, Црна Гора, Србија и Македонија.

По покана од организаторите, претставници од Македонија беа две членки на Здружението на социјалните работници на град Скопје (С. Шекуткоска и Д. Петрова).

Со цел да се промовира дијалог и соработка во решавањето на заедничките проблеми и споделување на добрите примери од праксата, освен излагања на претставниците на научниот собир, беше потпишан и Договор за регионална соработка на здруженијата на социјални работници. Договорот го потпишаа претседателите на здруженијата на социјални /стручни работници во социјална заштита, кои присуствуваа на конференцијата, во својство на претставници на својата Република.

Претставниците од здруженијата на социјалните работници, кои присуствуваа на конференцијата воедно предложија да се организира уште една конференција во текот на 2017 година, на која ќе се договорат конкретните чекори за преземање на уште една иницијатива: регистрирање на ново, чадор – здружение на социјалните работници од регионот (земјите од поранешните ЈУ Републики), кое ќе лобира за подобрување на статусот на социјалните работници, ќе предлага и спроведува проекти во насока на зајакнување на компетенциите на социјалните работници од регионот, како и за унапредување на квалитетот на услугите кон корисниците.